Со наизменично исклучување на јавното осветлување Општина Кочани лани заштедила над 11 милиони денари

 Во текот на минатата година Општина Кочани остварила позитивна разлика од над 11 милиони денари меѓу трошоците за струја за јавното осветлување и приходите од надоместокот што го плаќаат граѓаните и другите корисници.

Пресметките на стручните служби во општинската администрација покажуваат дека се собрани над 32,9 милиони денари, а кон електродистрибутерот се исплатени нешто повеќе од 21,7 милиони денари. И покрај сериозното покачување на цените на електричната енергија во текот на 2022 година, остварени се заштеди, главно со наизменично исклучување на столбовите за јавно осветлување.

Во јавноста има реакции и оценки дека исклучувањето е непопуларна мерка, затоа што граѓаните плаќаат за услуга што не ја добиваат, а се јавува и нерамномерност во периодите во кои одделни населби остануваат во целосен мрак.

– Граѓаните знаат дека влеговме во процес на рестрикција, односно исклучување на дел од уличното осветлување заради високите сметки што доаѓаат. Ќе ги задолжиме службите да направат увид и ако се работи за технички проблем поради исклучување на осветлувањето на цели улици, тогаш фирмата задолжена за одржување на светилките ќе го реши тоа, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Во образложението од Општина Кочани се истакнува дека заштедените средства ќе се искористат за склучување договори за изградба на јавно осветлување на нови улици и кружни текови, како и за тековно одржување на уличното осветлување.

Според пресметките на службите во општинската администрација, минатата година за потрошена струја за јавното осветлување биле платени близу 19 милиони денари, што е за околу 14 милиони денари повеќе во споредба со 2021 година.