Со приближувањето на ураганот Габриел, стотици домаќинства без струја и откажани летови во Нов Зеланд

 Илјадници домаќинства во Нов Зеланд останаа без струја, а многу летови се откажани денеска поради очекуваниот ураган Габриел

Министерот за управување со вонредни состојби Киеран Меканулти, предупреди дека денешниот ден ќе биде „критичен ден“ поради екстремно опасната комбинација од силни ветрови и обилни врнежи.

Има откорнати дрвја, оштетувања на патиштата и срушени столбови за струја. Вонредна состојба е прогласена во пет области во северниот дел на архипелагот, вклучувајќи го и Окленд.

Налетите на ветерот на север достигнуваат 140 km/h. Ер Нов Зеланд соопшти дека откажал 509 летови. Авиосообраќајот се очекува да продолжи утре.

Жителите на најголемиот град во Нов Зеланд, Окленд и околните области се предупредени да се подготват за поинтензивни врнежи од дожд, поплави и екстремно силни налети на ветер. Ураганот моментално се наоѓа на околу 250 километри северозападно од Нов Зеланд, а синоптичарите предвидуваат дека ќе се приближи до источниот брег во следните 24 часа.

-За жал, очекуваме ураганот Габриел да направи поголема штета пред условите да почнат да се подобруваат, изјави денеска заменичката на кризниот штаб на Окленд, Рејчел Келехер.

Новозеландскиот премиер Крис Хипкинс денеска најави дека ќе бидат потрошени околу 7,25 милиони американски долари за поддршка на народните кујни и другите погодени од поплавите.

Овој ураган е второто значајно временско нарушување што го погоди Окленд и горниот дел на Северниот остров за само неколку недели. Во јануари, обилни дождови паднаа во и околу Окленд, предизвикувајќи поплави во кои загинаа четири лица.