Спасовски – Нешиќ: “Зајакнување на соработката во делот на размена на информации за компјутерски криминал, илегална миграција и перење пари и корупција“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со делегација на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот Ненад Нешиќ на која во фокусот беше унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу двете министерства.

Особено ми е драго што можам да констатирам дека односите меѓу нашите две земји и регионалната соработка се на едно исклучително високо ниво. Нашата досегашна одлична соработка како на политичко, така и  на оперативно ниво, се темели на веќе потпишаните договори меѓу владите на нашите две земји за заемно признавање и замена на возачки дозволи, соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, нелегалната миграција како и преземање на лица со незаконски престој, кои несомнено се од големо значење за Република Северна Македонија и за Босна и Херцеговина“, нагласи Спасовски на заедничката прес-конференција.

Спасовски додаде дека на средбата посебно се осврнале на зајакнување и унапредување на досегашната соработка во делот на размена на информации меѓу двете служби на теми од заеднички интерес како што се кривични дела поврзани со илегалната миграција, трговијата со дрога и оружје, компјутерски криминал, криминал поврзан со перење пари и корупција, како и активно вклучување во решавање по итни барања доставени од страна на двете држави.

Соработката меѓу двете држави во најголем дел се одвива преку национални централни бироа, но и преку  учество на заеднички состаноци и договарање активности за унапредување на соработката. Го информирав колегата Нешиќ за операционализацијата на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативна соработка во управувањето со границите со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – ФРОНТЕКС, дека досега се реализирани две посети на делегации од ФРОНТЕКС, при што истовремено се работи на документите за оперативниот план, а воедно се работи и на логистичката поставеност. Доколку сѐ оди по планот, се очекува соработката во рамки на Договорот да се операционализира од 19. април, годинава, со што дополнително ќе се зајакне соработката помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија во однос на миграцијата и управувањето со границите“, истакна Спасовски.

Нешиќ, меѓу другото, посочи дека Европската Унија е иднината на Босна и Херцеговина и на Република Северна Македонија. Министерот изрази надеж за понатамошна соработка меѓу двете земји.

Босанскиот министер за бзбедност Нешиќ утре ќе присуствува на свеченоста по повод Денот на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР.