Средба на Таравари со шведската амбасадорка Ларсон Џаин

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, денеска оствари средба со шведската амбасадорка во земјава, Ами Ларсон Џаин, при што и честиташе за шведското претседателство со Европската Унија, соопшти партијата.

– И честитав на амбасадороката Ларсон Џаин за почетокот на шведското претседателство со ЕУ и и се заблагодарив на пријателската шведска Влада за одржувањето на моментумот за европската интеграција на Западен Балкан, се наведува во писмената изјава на Таравари.

Тој додава дека на средбата е дискутирано за случувањата во Северна Македонија и регионот и дека двајцата соговорници имале согласност за потребата од политичка стабилност во оваа клучна година која треба да кулминира со отворање на преговорите за членство во ЕУ.

– Исто така, разговаравме и за потребата од забрзување на реформите во владеењето на правото и антикорупцијата. Во таа насока, големата билатерална програма што ќе ја спроведува Шведската амбасада е многу добредојден развој за земјата, истакна Таравари.