Средба на Џафери со координаторите на пратеничките групи и членовите на КЕП и КНП

Во рамки на посетата на Република Словенија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средби и со координаторите на пратеничките групи во Државниот збор, Борут Сајовиц, координатор на пратеничката група Слобода, Јелка Годец, координаторка на пратеничката група Словенска демократска странка, Јанес Циглер Краљ, координатор на пратеничката група Нова Словенија и Наташа Сукич од пратеничката група Левица.

На средбата, како што информира собраниската прес-служба, се дискутирало за нивната улога во функционирањето на политичкиот парламентарен дијалог и координацијата на сите активности во процесот на донесување одлуки.

-По размената на мислења за тековните случувања во Република Северна Македонија во делот на европските прашања, обврските на земјата во НАТО, особено околу Украина и идните предизвици во престојните месеци, координаторите пројавија интерес за моменталната состојба со илегален влез на мигранти во државата, одливот на млади лица во земји членки на Европската унија, надминувањето на одредени административни пречки околу студирањето на студентите од Северна Македонија во Република Словенија и перцепцијата на нашите граѓани на словенечката помош околу пожарите во изминатиот период, информираат од Собранието.

Во текот на денот, Џафери имал можност одблиску да размени мислења за актуелните европски и меѓународни случувања со членовите на Комисијата за ЕУ прашања и Комисијата за надворешна политика. Соговорниците биле информирани за проактивната улога на земјата во рамките на НАТО, особено за придонесот за украинските институции и граѓани, како и за текот на процесот на скрининг и престојните реформски чекори за процесот на преговори за членство во ЕУ. Бил пројавен интерес за словенечките искуства пред нивното зачленување во Унијата, особено улогата на Собранието во самиот процес.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Франц Брезник, ги поздравил досегашните реформски чекори поврзани со процесот на европска интеграција и повикал на донесување на потребните уставни измени неопходни за меѓувладината конференција, понудувајќи ја експертизата на Комисијата за европски прашања на колегите во Собранието на Република Северна Македонија.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Предраг Баковиќ, изразил задоволство од фактот што двете држави имаат идентични или слични ставови за меѓународни прашања кои го обединуваат слободоумниот демократски свет. Исто така, ја искористил приликата да укаже дека развојната меѓународна помош на Република Словенија до 2030 година, вклучува значаен сегмент за поддршка и соработка со Република Северна Македонија, на тој начин јасно демонстрирајќи ја заложбата за унапредување на процесите и забрзување на евроинтеграцискиот процес.

Заеднички заклучок на двете делегации бил искористувањето на потенцијалите кои постојат за подобрување на соработката на парламентарно ниво и во доменот на образованието, културата, туризмот, градежништвото, земјоделието и економијата воопшто. Истовремено, била потврдена меѓусебната поддршка за кандидатури во меѓународните организации и иницијативи меѓу двете држави.