Средба Чавушоглу – Дачиќ: „Го живееме периодот на најдобрите односи меѓу Турција и Србија“

Чавушоглу по средбата со српскиот министер истакна дека Туркије и Србија сакаат да ја зголемат соработката и во областа на одбранбената индустрија, додавајќи дека на тоа поле преговорите се во тек.

Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, по состанокот со српскиот колега Ивица Дачиќ во Анкара, порача дека улогата на Туркије и Србија се многу значајни во контекст на мирот и стабилноста, како и во спречувањето на тензиите во Босна и Херцеговина.

Чавушоглу денеска одржа состанок со Дачиќ во зградата на Министерството за надворешни работи во Анкара, по што двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.

Зборувајќи за последните случувања во врска со поплавите во регионот на Санџак, Чавушоглу изрази поддршка и солидарност со Србија, наведувајќи дека тимови и експерти на турскиот АФАД веќе се на терен и даваат секој вид поддршка.

„Го живееме периодот на најдобрите односи меѓу Туркије и Србија. Ова е златна доба на нашите односи“, констатира Чавушоглу, напоменувајќи дека во периодот што следува, ќе работи на јакнење на односите меѓу Туркије и Србија.

Чавушоглу потсети дека во текот на последната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Србија се потпишани седум документи во различни области.

„Ќе работиме на јакнење на нашата економска соработка. Обемот на трговската размена се приближи кон 2,5 милијарди долари. Нашите лидери поставија цел од 5 милијарди долари. Мораме да поставиме нови цели“, порача Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија рече и дека нивото на турските инвестиции во Србија се во константен подем, на во оваа пригода ѝ се заблагодари на Србија што во многу краток рок ги решава сите пречки на кои наидуваат турските инвеститори.

„„Халкбанк“ отвора нови експозитури во Србија и нивниот број ќе се зголеми на 40“, рече Чавушоглу.

Тој нагласи и дека Туркије и Србија посакуваат да ја зголемат соработката и во областа на одбранбената индустрија, додавајќи дека на тоа поле преговорите се во тек.

Чавушоглу констатира дека се зголемува и бројката во меѓусебната размена на туристи, и дека на тоа поле ќе бидат преземени нови чекори во линиите на авиосообраќајот.

„По Истанбул и Анкара, од февруари оваа година започнуваме и со директни летови Измир – Белград“, најави Чавушоглу.

Кога станува збор за соработката на културно поле, шефот на турската дипломатија најави дека Агенцијата за соработка и координација на Туркије (ТИКА) оваа година ќе започне со реставрација на белградската Џамија „Бајракли“.

За проектот на Автопатот „Сараево – Белград“, започнат по иницијатива на Туркије, Чавушоглу рече дека делот од проектот на подрачјето на Србија добро напредува, и дека е потребно да се направи така да биде и на подрачјето на Босна и Херцеговина.

Една од темите на состанокот беше и борбата против тероризмот. Чавушоглу ѝ се заблагодари на Србија за поддршката што ја дава во борбата против терористичката организација ФЕТО.

„Денеска побаравме и поддршка околу екстрадицијата на едно лице поврзано со терористичката организација ПКК“, рече Чавушоглу.

Двајцата министри разговараа и за актуелната ситуација во Босна и Херцеговина.

„Мирот и стабилноста на Балканот се многу важни за сите нас. За да не се зголемуваат тензиите во Босна и Херцеговина, каде што се формира влада, Туркије и Србија имаат многу важна улога за мирот и стабилноста во земјата. Во тој контекст, многу е корисен и трилатералниот механизам Туркије – БиХ – Србија. Во периодот што следува ќе продолжиме да вложуваме напори“, рече Чавушоглу.

Тој нагласи дека Туркије го поддржува дијалогот меѓу Приштина и Белград.

„Туркије го поддржува, силно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и сакаме недоразбирањата да се решат по пат на дијалог“, порача министерот за надворешни работи на Туркије.