Стефковски бара Град Скопје да ги врати старите имиња на улиците во Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски утрово поднесе Иницијатива до Град Скопје за враќање на старите имиња на улиците во општина Гази Баба.

За иницијативата градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална страница на фејсбук. 

– Почитувани граѓани, сакам да Ве информирам Вас и јавноста дека утрово поднесов Иницијатива до Град Скопје со барање за враќање на старите имиња на 34 улици во општина Гази Баба. На предлог на поранешниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов, Советот на Град Скопје на својата 67-ма седница одржана на 30 март 2021 година донел Одлука за определување и промена на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Градот Скопје, напиша Стефковски.

Според него, без никаква консултација и согласност со граѓаните на општина Гази Баба, тогашното раководство на градот донело одлука да се преименуваат 34 улици меѓу кои: „Фуштанска“, „Радован Ковачевиќ“, краци од „Благоја Стефковски“, крак од улица „Товарник“ и други улици.

-До мене како градоначалник, изминатиот период пристигнаа голем број на реакции од граѓаните што ги сметам за оправдани, бидејќи без дијалог и согласност од граѓаните не се донесуваат одлуки. Барањата на граѓаните се и мои барања. Некој воден од лични и политички причини во пресрет на тогашните локални избори спровел нетранспарентен процес и затоа барам истиот во целост да биде поништен.

Од првиот ден на мојот мандат кажав дека секогаш ќе бидам на страната на граѓаните на општина Гази Баба, така било до сега и така ќе биде секогаш, напиша Стефковски.