Судот му го одзеде пасошот на Латас, а Лазаров доби забрана за јавни настапи

Скопскиот кривичен суд го прифати барањето на јавното обвинителство и им одреди мерки на претпазливост на новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутуберот Стефан Лазаров, кои се обвинети за ширење расистички и ксенофобичен материјал.

Судот соопшти дека на Латас привремено му се одзема патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, додека на Лазаров исто така му се определува мерка на претпазливост– забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.

Против решението на судот, Лазаров и Латас имаат право на жалба во рок од три дена.