Тирк: Отворени се „канали за комуникација“ за прашањата за правата на малцинствата во Кина

 – Новиот висок комесар на Обединетите нации за човекови права (УНХЦР), Фолкер Тирк, денеска изјави дека неговата канцеларија отворила „канали за комуникација“ кои треба да и помогнат да го следи почитувањето на правата на малцинствата во Кина.

Со тоа, меѓутоа, не се задоволни активистите за човекови права кои сакаат да се испрати посилна порака до Пекинг, обвинет за загрозување на правата на муслиманските Ујгури и Тибетанци.

Тирк не прецизираше како УНХЦР планира да постапи на основа на клучниот извештај за западниот кинески регион Ксинџијанг, кој во август го објави неговата претходничка, Мишел Башеле.

Во извештајот се укажува на можноста во таа област да се случуваат „злосторства против човештвото“ против Ујгурите и другите малцинства.

„Што се однесува до Кина, отворивме канали за комуникација со неколку актери за да ги следиме прашањата за човековите права, меѓу кои е и заштитата на правата на малцинствата како Тибетанците, Ујгурите“, рече Тирк.

На првото претставување на годишниот извештај откако ја презеде функцијата во октомври, Тирк зборуваше за кршењето на правата на жените, дискриминацијата, конфликтите и климатските промени во голем број земји во светот.

Тој исто така изрази загриженост поради влијанието на руската војна во Украина, борбите во Сирија и политичката нестабилност во Мали и Буркина Фасо.

Турк, исто така, ги наведе извештаите за „прекумерна употреба на сила, расно профилирање и дискриминација од страна на полицијата во Австралија, Франција, Ирска и Велика Британија“.

Поранешниот шеф на „Хјуман рајтс воч“, Кен Рот рече дека Тирк „не изговорил ниту еден збор критика за Кина“.

„Тој нуди само тивка дипломатија – „ги отворивме каналите за комуникација“ – како да нема каква било моќ освен јавно известување и осуда од која отстапува“, напиша Рот на Твитер.