Тој беше голема ѕвезда во СФРЈ и легенда на Југопластика, преживеал рак и сепса, синот му го убиле, а денес собира шишиња во контејнери за да преживее

Постарите Сплиќани ја препознаваат поранешната кошаркарска ѕвезда по ликот на овој седумдесетгодишник, кој талка по улиците на градот.

Легендарниот кошаркар од златното доба на сплитска Југопластика, Михајло Мановиќ Цврца (70) се најде на самото дно поради низа несреќни животни околности. Животот му зададе големи удари: убиство на синот, болест и на крајот остана бездомник, собирајќи пластични шишиња од контејнерите за да преживее. Постарите Сплиќани го препознаваат овој седумдесетгодишен старец, кој талка по улиците на градот, како поранешна кошаркарска ѕвезда, припадник на познатата генерација која учествуваше во создавањето на прекрасната Југопластика.

Мановиќ е роден во Белград, играл за Раднички, но во шеесетите години на минатиот век се преселил во Сплит. 

– Бев момче на кое му се смешкаше големата спортска кариера, која ја постигнав. Мојот подем започна кога како шеснаесетгодишник, по играњето во Раднички, се приклучив на КК Сплит, кој стана Југопластика во 1968 година. За мене Сплит беше “цветот на Медитеранот”, сон што се оствари на најубав начин: Еј, млад, со добар договор, полн со ентузијазам под кошевите! Во мојата генерација играа великани како Дамир Шолман, Крешо Ќосиќ, Драган Капичиќ, сите напишани со златни букви – се присетува Мановиќ за Слободна Далмација . 

За време на војната бил непожелна личност во Сплит и Далмација. 

– Мојот Јован, тогашен ученик во седмо одделение во основно училиште, беше исфрлен од училиштето и клубот во кој играше за млади кадети. Денес, кога прашуваат: “каде беше во деведесет и првата?”, мојот одговор е едноставен и искрен: морав да заминам, да го напуштам станот, моето минато, најубавите години во Далмација. Со Јован отидовме во станот на мајка ми во Белград, живеевме во заедница со неа и сестра ми и нејзиното семејство. Во Сплит бев “четник”, во Белград “усташ”. Сепак, во 1994 година станав тренер на првиот тим на БАСК. Земав плата, син ми растеше, се некако си дојде на свое место.

Животот му го променија големи трагедии, го загуби синот.

– Мојот син беше убиен во 2007 година, кога тој беше на прагот од триесеттата, а јас имав педесет и осум години. Знаеш што велат, таа мака не доаѓа сама, а јас сум школски пример. Се разболев тешко. Оперирав рак на бубрег и жолчен меур. За малку ќе умрев од сепса. Тогаш докторот во Белград ми рече дека сум медицински феномен. Се пензионирав, мајка ми почина, станот во Белград отиде кај мојата сестра која исто така почина, а нејзините деца го продадоа. Еден недвижен имот во Белград е гробот на мојот син на Бежаниска Коса, кој го посетувам двапати годишно, бидејќи автобуската карта од 80 евра е прескапа за некој што има пензија од 100 евра – рече Мановиќ.

Решил да живее во Сплит иако и таму изгубил се. 

– Денеска сум бездомник. Собирам шишиња, имам пријатели, имам што да јадам и се снаоѓам за сместување. Знаеш што? Не сакам кафулиња и излегувања, но би сакал да можам да одам во теретана, ако можам да платам за тоа. Спортско срце уште чука во мене. И јас би сакал да можам почесто да одам во театар, но не можам да се пожалам на тоа, бидејќи понекогаш ми се јавува другарка кога има билети. Ја сакам културата, го сакам Сплит, морето, долгите прошетки во Жњан и пливањето навечер, летото после долгиот топол ден, кога претходниот ден собирам доволно шишиња. Не се срамам, таков е животот. Тој е таков, тој е мој – рече Мановиќ.