Трамп: Јас сум единствениот кандидат кој може да вети дека ќе ја спречи третата светска војна

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека тој е единствениот претседателски кандидат за изборите во 2024 година кој може да вети дека ќе ја спречи третата светска војна, способен да ги спаси Соединетите Американски Држави (САД) од демократите „кои се за војна.“ и од „фанатиците и будалите“ на Републиканската партија.

На големиот годишен собир на конзервативците во Вашингтон, Трамп рече дека Американците се во средината на „епска борба да ја спасат земјата од луѓето кои ја мразат“.

Доналд Трамп, кој ја официјализираше својата кандидатура во ноември, зборуваше речиси еден час и 40 минути, не штедејќи никого, вклучително и сопствениот табор.

„Имавме Републиканска партија управувана од чудовишта, неокони, глобалисти, фанатици на отворени граници и морони“, рече Трамп.

Тој додаде дека американските гласачи се уморни од „двопартиски политички династии, скапани интереси, политичари вљубени во Кина“ и поддржувачи на „бескрајни војни во странство“.

„Ќе имаме трета светска војна ако нешто не се случи наскоро“, предупреди Трамп, кој отворено зборуваше против американската помош за Украина.

„Јас сум единствениот кандидат кој може да го даде ова ветување: ќе ја спречам третата светска војна“, рече поранешниот претседател кој беше поразен на изборите во 2020 година од демократскиот претседател Џозеф Бајден.