Трибина „Гоце е Македонија“ на патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ во Штип

– За жал во 21. век ние сега сме исправени повторно да се правдаме и докажуваме со нашите соседи дека ние сме Македонци и дека Гоце е Македонец, посочи Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ на денешната трибина во Штип насловена „Гоце е Македонија“.

Пандов истакна дека криминалната влада на СДСМ и ДУИ со водење на попустлива политика кон бугарската страна дозволи негација на македонската историја, јазик и култура, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е браникот на македонштината и патриотизмот и токму поради тоа на 4 февруари се организира херојска стража на гробoт на македонскиот револуционерен херој Гоце Делчев.

-ВМРО-ДПМНЕ  е браник на македонштината и патриотизмот и ние не смееме ниту по една цена да им го дозволиме да го направат тоа во Скопје. Ова е многу важен настан и исклучително важно е ние на 4  февруари да се појавиме во што поголем број пред црквата Св. Спас во Скопје од 7.00 часот наутро, рече Пандов.

На трибината се обрати и Сергеј Попов, претседател на Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека со ставање на фокус на одбележувањето на роденденот на великанот Гоце Делчев се крева важноста на овој човек пред целото македонско општество, особено пред младите луѓе, додавајќи дека никој друг освен ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за македонските национални интереси.

-Сметам дека ние како Унија на млади сили на кои што врховна цел или најважна цел ни е задржување на младите луѓе овде во Македонија да творат за да не останеме земја на возрасни луѓе, туку да бидеме земја на млади луѓе, Гоце Делчев и одбраната на тој лик и дело треба да ни биде највисоко поставена цел. Како УМС на тој ден ќе бидеме вклучени во сите активности, ќе имаме делегација заедно со другите партиски структури на чело со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласи Попов.

Историчарот, Слободан Ников речедека секој народ својот опстанок и развиток го црпи од колективната меморија која се пренесува од колено на колено, од генерација на генерација прераскажувајќи историските настани и ликови, па така и македонскиот народ својата вековна меморија ја градел врз тие принципи пренесувајќи ја од колено на колено.

-Една од личностите од која ја црпиме нашата меморија е и ликот и делото на Гоце Делчев кој живеел и дејствувал во едно бурно време, во епохата кога Македонија се наоѓала на раскрсница меѓу себе наоѓањето и револуцијата, барајќи ја својата егзистенција во семејството на слободниот свет. Токму таа епоха, обусловувала да се појави онаква личност што ќе ги сфати политичките и материјалните услови на своето време. Таква била појавата на Гоце Делчев кој умеел да проникне во пулсот на народните стремежи во смислата на народните патила и да стане изразител на борбата на националното ослободување на македонскиот народ, потенцираше Ников.