Турција ја проширува истрагата за градежните претприемачи кои ги прекршиле стандардите за градба

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу денеска изјави дека  ќе се проширува истрагата за градежните претприемачи кои се осомничени дека ги прекршиле безбедносните стандарди за градба, по разорниот земјотрес што ја погоди земјата, а во кој загинаа над 43.000 лица.

Сојлу денеска изјави дека досега се идентификувани 564 осомничени, од кои 160 лица се формално уапсени и дека голем број се под истрага, пренесуваат британските медиуми.

-Нашите градови ќе се градат на соодветни места, нашите деца ќе живеат во посилни градови. Знаеме каков тест ни претстои и од ова ќе излеземе посилни, изјави министерот за државната телевизија ТРТ.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека во рок од една година ќе бидат обновени сите станбени згради.

Сојлу денеска додаде дека во регионот на земјотресот веќе се кренати околу 313.000 шатори и дека дополнително се поставуваат 100.000 контејнерски куќи.

-Бројот на загинати во разорниот земјотрес во Турција до денеска се зголеми на 43.556, рече тој.

Министерот прецизираше дека по разурнувачкиот земјотрес   имало 7.930 последователни потреси и дека повеќе од 600.000 станови и 150.000 комерцијални објекти се најмалку умерено оштетени.

Според министерот за урбанизација Мурат Курум, уништени или сериозно оштетени се 164.000 згради со повеќе од 530.000 станови.

Околу 865.000 лица живеат во шатори, а 23.500 во контејнерски куќи, додека 376.000 се во студентски домови и куќи надвор од зоната на земјотресот, рече претседателот Ердоган.