Украина: Зеленски го посети Херсон по уништувањето на браната „Каховка“

– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес пристигна во посета на јужната област Херсон по експлозијата на браната „Каховка“.

„Во Херсон посетив евакуациски премин од каде луѓето се евакуираат од поплавените подрачја. Наша задача е да ги заштитиме животите и да им помогнеме на луѓето колку што е можно повеќе. Им се заблагодарувам на спасувачите и волонтерите! Им благодарам на сите кои се вклучени во оваа работа!“, напиша Зеленски на Телеграм.

Коментирајќи го делумното уништување на браната „Каховка“ во интервју за германскиот весник „Билд“ вчера, Зеленски рече дека Киев не може да презентира доказ дека браната била разнесена од руските сили бидејќи хидроцентралата се наоѓа на териториите под руска контрола.

„Какви докази можеме да имаме ние? Кога ќе бидеме таму, ќе собереме докази“, рече тој.

Зеленски ги критикуваше Обединетите нации и Црвениот крст бидејќи не се присутни во областа „за да се спасат животи“ и изрази разочарување поради недостатокот на одговор на барањата поднесени од Украина.

По експлозијата беше објавена вонредна состојба на двете страни на браната – на едната страна контролирана од Русија, и на другата под контрола на Украина.

Русија и Украина меѓусебно се обвинија за оштетувањето на браната „Каховка“ во областа Херсон во вторникот, што доведе до поплавување на околните населени места.

Москва ја обвини Украина дека се обидела да го отсече Крим од резервите на слатка вода што ја добива од акумулацијата „Каховка“, формирана со браната, додека Киев тврди дека Русија се обидува да ја забави претстојната контраофанзива.