Финска и Шведска одлучни во пакет да влезат во НАТО

Премиерката на Финска, Сана Марин, и нејзиниот шведски колега Улф Кристерсон изјавија дека безбедноста на двете балтички држави е меѓусебно поврзана и изразија спремност заеднички да го финализираат процесот за членство во НАТО.

„Работиме заедно. Бевме во близок контакт секојдневно по ова прашање. Секако, сакаме Туркије и Унгарија да го одобрат нашето барање што е можно поскоро“, рече финската премиерка Сана Марин на заедничката прес-конференција со шведскиот премиер Кристерсон во Стокхолм.

Лидерите на двете земји во текот на состанокот разговарале и за продолжување на пружањето поддршка за Украина.

Марин ги охрабри Украинците да веруваат во себе, додавајќи дека ќе ѝ се помогне на земјата на патот да стане членка на Европската Унија.

Додаде дека безбедноста на Финска и Шведска е меѓусебно поврзана поради трајната промена на безбедносниот поредок во Европа.

„Во интерес на целата Алијанса е заедно да се придружиме на НАТО. Разговаравме за загриженоста изразена од Туркије, како што е договорено во Мадрид. Се надеваме дека сите земји членки на НАТО наскоро ќе го одобрат нашето барање, а веруваме дека Финска и Шведска ќе бидат сојузници на самитот во Вилнус“, рече Марин, мислејќи на самитот на лидерите на земјите членки на НАТО во јули оваа година.

Се осврна и на почитувањето на верските прашања во Финска, истакнувајќи дека таму со закон е забрането палењето на светите книги.

„Не дозволуваме палење на Куранот или на Библијата. Сакаме да ја заштитиме слободата на луѓето да веруваат во што сакаат. Во Финска постојат и некои закони за палење оган на јавни места. Не можете да го запалите не само Куранот, туку ниту вашиот стол на јавно место. Не правете го тоа во Финска“, порача Марин.

На прашањето што би се случило доколку приемот на Шведска во НАТО би потрајал, Марин рече:

„И Шведска исто така ги исполнува условите да стане членка на НАТО. Не ми се допаѓа ваквата атмосфера во која Шведска е претставена како проблематична.“

Шведскиот премиер Кристерсон рече дека Шведска има блиски односи со Финска, додавајќи дека заедно тргнале на патот кон членство во НАТО и дека во тоа продолжуваат заедно.

„На седницата на Владата го формализиравме Предлог-законот за борба против тероризмот. Предлог-законот ќе биде испратен до Парламентот во март и ќе стапи на сила од 1 јуни. Ова е камен-темелник на долгорочната посветеност на Шведска во борбата против тероризмот“, истакна Кристерсон.

Осврнувајќи се на неодамнешните тензии со Туркије и провокациите во Шведска кои ги дозволи со палење на Куранот, Кристерсон истакна дека го разбира и го дели разочарувањето предизвикано од овие постапки.

„Мојата порака до сите Швеѓани е многу едноставна: Да ја смириме ситуацијата и да се фокусираме на она што навистина е важно, а тоа е зајакнување на националната безбедност како полноправни членки на НАТО“, рече шведскиот премиер.

Вети дека Шведска ќе го исполни својот дел од обврските според трилатералниот договор што го потпиша со Финска и Туркије во јуни минатата година за зајакнување на борбата против тероризмот и зајакнувањето на соработката, за на крајот и Анкара да го одобри нивниот прием во Алијансата.