ФК „Тиверија“ од Струмица слави еден век постоење

 Фудбалскиот клуб „Тиверија“ од Струмица денеска одбележува сто години од постоењето. Формиран е во 1921 година, но официјално е регистриран на 13 февруари 1923 година.

Како што информираа од Управниот одбор на клубот, донесена е одлука да се формира Организациски одбор за прослава на 100 годишнината од постоењето на клубот, а централната прослава се планира да се одржи кон крајот на мај со целодневна програма и одигрување на ревијален натпревар на ветераните на клубот.

– Организацискиот одбор се формира се со цел да не се изостави ниту еден поранешен фудбалер, тренер, функционер и помагател кој оставил макар и мал белег во едновековната историја на клубот, велат од ФК „Тиверија“.

Како основачи на „Тиверија“ се спомнуваат: Љамо Џатев, Благој Кабакочев-Барбата, Ристо Заев-Зајакот, Мито Маџиров, Ристо Вртев-Сликарот, Глигор Дрваров и Ѓорги Тангачев. За секретар на клубот бил избран Борис Нецев. Интересно е што на своето прво гостување во Солун 1924 година фудбалерите патувале со запрежни коли.

Клубот сега се натпреварува во Третата лига Исток, а во својата богата историја бил член на Првата и Втората МФЛ.