ФОТО | Бујар Османи на состанок на Глобалната коалиција за борба против Исламската држава: “Северна Македонија целосно посветена на борбата против тероризмот“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес учествуваше на министерскиот состанок на Глобалната коалиција против транснационалната терористичка  организација Исламска држава (ИД), што се одржа во саудискиот главен град во Ријад во организација на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и првиот човек на саудиската дипломатија Фаисал бин Фархан Ал-Сауд.

 „Северна Македонија како дел од Коалицијата, но и како актуелен претседавач на ОБСЕ е целосно посветена на борбата против тероризмот и превнцијата од насилниот екстремизам, што се и важен дел од антитерористичките активности на ОБСЕ. Северна Македонија како мултиетничка и мултикултурна демократија, која негува култура на заеднички соживот придава особено значење на борбата против тероризмот преку донесените национални стратегии за борбата против тероризам и акциските планови во кои се содржани мерките и активностите што се преземаат на национално ниво“, истакна Османи.

Тој во обраќањето ја потенцираше потребата од сеопфатни и координирани активности како одговор на предизвиците што се уште постојат на Блискиот исток, Африка и Централна Азија и покрај значителниот прогрес постигнат во борбата против ИД од страна на Коалицијата и ја реафирмираше посветеноста на земјата да продолжи со справување со сите безбедносни предизвици, вклучувајќи ја борбата против оваа група и сите терористички организации преку тесна соработка со меѓународната заедница и со соседните земји.

На маргините на состанокот, Османи имаше одвоени средби со Блинкен и со советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, со министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Белгија и Кипар, Фаисал бин Фархан Ал-Сауд, Хаџа Лабиб и Константинос Комбос, како и со други високи претставници учесници на собирот.

Инаку, на овогодишниот министерски состанок на Глобалната коалиција за борба против ИД учествуваа 73 претставници од вкупните 86 земји од сите пет континенти што се дел од Коалицијата.