(Фото) Мајка и ќерка од Скопје претепани од сосед: Со тупаници и стапало нѐ удираше во лице, а уште шета слободно

Скопјанката Мелиса Захитовиќ која заедно со нејзината мајка биле натепани во нивниот двор од страна на сосед, преку социјалните мрежи посочува дека насилникот е се уште на слобода. Ова доаѓа откако МВР посочија дека лицето е уапсено. Захитовиќ прашува колкумина треба да бидат нападнати за да државата реагира.

„Државо? Насилникот кој мене и мојата мајка физички брутално не нападна во мојот двор на 27.04. 2023г., удирајќи не со тупаници и со нозе, влечејќи не за коса и удирајќи не со стопалото во лице, е на слобода и се шета слободно. Уште колку лица треба да бидат физички нападнати од тој монструм, за оваа држава да реагира??“, сведочи Захитовиќ.

Таа посочила дека живеат во страв, чекајќи на институциите да реагираат. Според неа, добиваат и закани.

Од МВР претходно опосочија дека насилникот е уапсен.

„Веднаш по добиената пријава од М.З. дека на 27.04.2023 во дворот пред нејзиниот дом во Петровец била физички нападната од Е.Л. од Петровец, кој потоа ја нападнал и нејзината мајка З.З., преземени се соодветни мерки и активности. Е.Л. е лишен од слобода и во службен разговор во полициска станица го признал делото. Известен е јавен обвинител и против Е.Л. по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело насилство по чл.386 од КЗ“, кажаа од МВР.