Француската премиерка ќе ја прими опозицијата, сака „смирување“

Во неделата што започнува на 3 април, француската премиерка Елизабет Борн ќе ги прими парламентарните групи и политичките партии, вклучително и опозицијата, како и претставници на компаниите за да ја „смири земјата“.

Отворена е и можноста за средба со синдикатите и стопанските организации следната недела, додаде таа.

Франција од 16 март ја тресат протести и насилство, кога без гласање во Националното собрание беше прифатена контроверзната реформа за зголемување на старосната граница за пензионирање за две години. За утре, два месеци по почетокот на протестите против тој закон, се планираат нови протести, па владата и синдикатите предупредуваат на опасност од „хаос“.

– Мораме да ја смириме ситуацијата, рече Борн, отфрлајќи го барањето на Лоран Бергер, шеф на ЦФДТ, главниот синдикат во Франција, спроведувањето на реформата привремено да се запре.

Реформата е прифатена и „го продолжува својот пат“ до Уставниот совет, кој ќе даде свое мислење, по што претседателот на Републиката „треба да го потпише законот“, како што е предвидено во Уставот, рече таа.

Протестите против пензиските реформи продолжија во саботата во неколку поголеми градови, а стотици луѓе маршираа пред уште еден голем протест утре.

На последниот протест во четвртокот учествувале меѓу 1 и 3,5 милиони луѓе, јавија локалните медиуми додавајќи дека на некои места незадоволството ескалирало и излегло од контрола. Во Париз демонстрантите се судрија со полицијата и на многу места беа подметнати пожари.