Хана Вадингам ќе биде водителка на „Евровизија“

– Ѕвездата на серијата „Тед Ласо“, Британката Хана Вадингам ќе биде домаќин на годинашниот избор за песна на „Евровизија“, заедно со пејачката Алеша Диксон и украинската пејачка Јулија Санина.

Ова водителско трио ќе биде на екраните на полуфиналните вечери на 9 и 11 мај, а за големото финале коешто ќе се одржи на 13 мај, ќе им се придружи и глумецот и водител Грејм Нортон. Повеќе од 160 милиони луѓе ширум светот се очекува да го следат натпреварот.

Добитничката на „Еми“ Хана Вадингам изјави дека е почестена.

– Тоа е еден од најголемите светски музички фестивали. Но, оваа година честа е уште поголема, бидејќи ќе застанам рамо до рамо со Украина, земја која опстојува со помош на огромната сила и единство, истакна глумицата.

На минатогодишниот натпревар победија претставниците на Украина, групата „Калуш“. Но, поради воената состојба во земјата, одлучено е „Евровизија“ оваа година да се одржи во Ливерпул, Велика Британија. Британскиот претставник Сем Рајдер лани заврши на второто место на „Евросонг“ во Торино, Италија.