ХАОС ВО ИЗРАЕЛ – Премиерот Бенјамин Нетанјаху вели: “Ова е шанса да се избегне граѓанска војна!“ – се огласи и командантот на израелската армија (фото/видео)

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху во понеделникот ја одложи одлуката за контроверзната судска реформа поради страв дека најголемата национална криза во последните години може да доведе до колапс на владејачката коалиција или да ескалира во насилство.

Нејасно е како, по масовните протести и генералниот штрајк, преместувањето на расправата на собраниската седница за следниот месец ќе ги задоволи сите партии и ќе ја смири кризата која, според командантот на Армијата, го направи овој момент потежок од кога било досега.

Бенјамин Нетанјаху

Со желба да се спречи поделбата на нацијата, решив да го одложам второто и третото читање на законот за да се постигне широк консензус“, изјавил Нетанјаху во телевизиско обраќање. Тој го нарече својот потег како – „шанса да се избегне граѓанска војна“.

Неговиот екстремно десничарски коалициски партнер, министерот за безбедност Итамар Бен-Гвир, кажа дека се согласил на одложувањето во замена за договор според кој може да формира Национална гарда во рамките на неговото министерство, потег што неговите противници жестоко го критикуваа дека создава своја приватна полиција.

Планот на Владата да му даде на парламентот поголема контрола над судството ги предизвика најголемите протести во историјата на Израел, а политичките ривали го нарекуваат ова како закана за демократијата.

Поддржувачите на законот, вклучително и екстремно десничарските фудбалски навивачи, организираа контрапротести, а полицијата предупреди дека на социјалните мрежи се планираат напади врз левоориентираните Израелци.

Планот на Нетанјаху наиде на отпор и од синдикатот „Хистадрут“, кој ги приземји авионите на аеродромот „Бен Гурион“ и ја прекина работата на поморските пристаништа, банките и болниците. Синдикатите го прекинаа штрајкот откако Нетанјаху го најави одложувањето.

Опозицискиот лидер Бени Ганц го опиша потегот на Нетанјаху со зборивите „подобро доцна отколку никогаш“, но најави дека во дијалогот за новиот закон нема да има компромис за основите на демократијата.

Израелскиот претседател Исак Херцог, во понеделникот го повика премиерот да ги запре судските реформи за да се зачува националното единство, кажа дека – „одложувањето е правилно нешто што треба да се направи“.

Кризата, една од најголемите внатрешно-политички во историјата на земјата, се совпадна со ескалацијата на насилството на Западниот Брег, каде што минатата година беа убиени повеќе од 250 палестински милитанти и цивили и 40 Израелци.