Чавушоглу и Дендиас: “Атина и Анкара не би требало да чекаат нови земјотреси и катастрофи за да ги поправаат односите помеѓу Грција и Туркије”

Фактот дека Никос Дендиас денес е тука со нас ја покажува солидарноста на грчкиот народ со Туркије и турскиот народ, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Министерот за надворешни работи на Република Туркије Мевлут Чавушоглу изјави дека Атина и Анкара не би требало да чекаат нови земјотреси и катастрофи за да ги поправаат односите помеѓу Грција и Туркије.

Обраќајќи се на прес-конференцијата заедно со грчкиот колега Никос Дендиас во јужната турска провинција Хатај која е погодена од земјотресот, Чавушоглу ја поздрави поддршката која Грција ја пружи на неговата земја по разорните земјотреси кои на 6 февруари ја погодија Туркије.

„Фактот дека Никос Дендиас денес е тука со нас ја покажува солидарноста на грчкиот народ со Туркије и турскиот народ. Добрососедските односи се видливи во вакви предизвикувачки времиња“, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Потсетувајќи и на земјотресот од 1999 година во Туркије, Чавушоглу рече дека и Грција доживеала земјотреси недолго по таа катастрофа.

„Тогаш првин Грција побрза да ни помогне, а потоа Туркије побрза да и помогне на Грција“, рече Чавушоглу.

Токму со овие зборови весникот „Тајм“ (“Time“) тогаш објави еден текст, а Чавушоглу како турски граѓанин испрати писмо до уредништвото и медиумската куќа и во него наведе дека солидарноста во тешките времиња е важна, но дека не смее да се чека нов земјотрес за да се развиваат односите.

„Тоа тогаш го реков како обичен турски граѓанин. Денес, како министер за надворешни работи на Туркије, го делам истото мислење“, рече Чавушоглу.

Тој повика на искрен дијалог на Анкара и Атина за да се надминат разликите во мислењата.

Турскиот министер за надворешни работи исто така изрази благодарност до Дендиас, Владата на Грција и целиот грчки народ на поддршката пружена во овие тешки времиња.

Шефот на грчката дипломатија Дендиас вети дека Грција ќе продолжи да ја пружа потребната помош на соседот.

„Ние ќе продолжиме да даваме се од себе да ги надминеме овие тешки времиња, како на билатерално, така и на ниво на Европската унија“, рече Дендиас.

И Дендиас рече дека е согласен со колегата Чавушоглу дека Грција и Туркије не би требало да чекаат нов земјотрес за да ги подобрат своите односи.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер на 6 февруари го погодија југот на Туркије со епицентар во Кахраманмараш.

Бројни спасувачки екипи и понатаму посветено работат на акциите на пребарување и спасување на луѓе заглавени од под урнатините на зградите.