Четворица Палестинци убиени во напад на израелската војска на Западниот Брег

 – Четворица Палестинци, меѓу кои и 16-годишник, се убиени денеска во напад на израелската војска во близина на градот Џенин на окупираниот Западен Брег, соопштија палестинските власти.

Израелската армија потврди дека војници влегле во бегалскиот камп Џенин, но не соопштија детали.

Воените напади се чести во областа, која се смета за упориште на палестинските екстремисти.

Од почетокот на оваа година загинаа 83 Палестинци, вклучувајќи ги и денешните жртви.

Израел ги засили апсењата на Западниот Брег пред една година по серијата палестински напади врз Израелците. Во тие напади годинава на израелска страна загинаа 14 лица.

Израел тврди дека повеќето од убиените биле екстремисти, но биле убиени и млади луѓе кои протестирале поради рациите, вклучувајќи момчиња и луѓе кои не биле вклучени во конфликтот.

Во војната во 1967 година, Израел го освои Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим, каде што Палестинците се стремат да основаат независна држава.