Четириесетгодишна забрана за влез на стадион за хулиганот кој го нападна голманот на Севиља

 Холандскиот прволигаш ПСВ Ајндховен му изрече денеска четириесетгодишна забрана за влез на клупскиот стадион „Филипс“ на хулиганот кој минатиот месец физички го нападна голманот на Севиља, Марко Дмитровиќ.

Инцидентот се случи на 23 февруари во натпревар од Лига Европа кога 20-годишниот Дилано К втрча на теренот и го удри Дмитровиќ, кој брзо го совлада хулиганот и го собори на земја додека не дотрчаа фудбалерите на двете екипи и обезбедувањето на стадионот

Холандскиот суд претходно овој месец му изрече на хулиганот затворска казна во траење од два месеци, прогласувајќи го за виновен и за кршење на забрана која претходно му била изречена за влез на стадионот.

„Покрај четириесетгодишната забрана за влез на стадионот, ПСВ ќе поведе и постапка за надомест на каква било штета која клубот ќе ја претрпе поради инцидентот“, соопшти клубот од Ајндховен.

На холандскиот хулиган воедно од Јавниот обвинител му е изречена и двегодишна забрана за пристап на подрачјето околу стадионот на ПСВ.