Швајцарците имаат најдолг животен век во светот

– Швајцарија има најдолг животен век на машката популација во светот, покажуваат најновите податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), пренесува Агенција Анадолија (АА).

Момче родено во Швајцарија во 2021 година ќе има животен век од 81,9 години, соопшти ОЕЦД.

По Швајцарија следуваат Исланд, Норвешка и Јапонија.

Моменталниот животен век на жените во Швајцарија е 85,6 години, а на мажите 81,6 години.

Бројот на стогодишници е зголемен во Швајцарија во последните години. Во 1990 година во земјата регистрирани се 377 стогодишници, додека во 2000-та 787, додека сегашната бројка на стогодишници изнесува 1.888, објави дневниот весник „Ле Матин Диманш“.

„Демографите проценуваат дека секое второ дете родено во Швајцарија по 2000 година ќе доживее стотина години“, изјави за Ле Матин Диманш, Даниела Јоп, професорка која води студија за стогодишници во Швајцарија на Универзитетот во Лозана.

Според Стефан Кулати од Универзитетот во Фрибург, постои корелација помеѓу нивото на образование и просечниот животен век.

„Разликите во животниот век помеѓу оние со универзитетски дипломи и оние кои завршиле основно образование се значителни, особено кај мажите“, изјави истражувачот за новинскиот канал „Свисинфо“.

„Во 1994 година, разликата меѓу двете категории беше 7,6 години. Денес, оние со универзитетски дипломи живеат 8,8 години подолго со добро здравје“, додаде Кулати.