Шест цивили загинаа, а 12 се повредени во руското гранатирање на Херсон

 Шест цивили загинаа, а 12 се повредени во руското гранатирање на пазар и станица за јавен превоз во градот Херсон, соопшти денеска украинската армија.

Во соопштението се додава дека Херсон бил погоден од гранати додека рускиот претседател Владимир Путин држел говор во кој, како што се наведува, ја прикажал својата земја како да не е во војна со Украина.

„Руската армија силно го гранатира Херсон. Повторно безмилосно убивајќи го цивилното население“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на својата сметка за размена на пораки Телеграм.

„Светот нема право ниту за момент да заборави дека руската суровост и агресија не познаваат граници“, напиша тој во објавата во која постави и фотографија на која се гледаат делови од тела на тротоар, уништени фасади и станици за јавен превоз.

Локалните власти објавија дека Херсон бил погоден со повеќе ракетни фрлачи Град.

Украина повторно го зазеде Херсон во ноември по речиси осум месеци окупација од страна на руските сили кои го зазедоа набрзо по инвазијата на Украина пред една година.

Градот Херсон и околните подрачја сега се под речиси постојано бомбардирање од руските сили лоцирани на спротивната страна на реката Днепар.