Шефот на грчката дипломатија пристигна во Турција заради поддршка по разорниот земјотрес

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас денеска пристигна во Турција, во знак на поддршка за оваа земја која беше погодена од разорен земјотрес, пишува Гардијан.

Дендиас беше пречекан од турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, пред да го одведат со хеликоптер во областите погодени од земјотресот, пишува британскиот весник.

Неговото пристигнување е прва посета на европски министер на Турција по земјотресот што ги погоди Турција и Сирија. Двајцата министри патуваат за Антакија, каде грчките спасувачи помагаат во операциите за пребарување и спасување.

Од грчкото МНР соопштија дека ќе ги посетат и членовите на грчката хуманитарна мисија во земјата.

Владата во Атина досега испрати 80 тони медицинска опрема и средства за прва помош во Анкара.

Како што е соопштено, грчкиот министер за надворешни работи ќе разговара и за начините на кои Грција може да обезбеди дополнителна помош за Турција.

И покрај долгата историја на ривалство со Турција, Грција беше меѓу првите европски земји што испрати спасувачи и хуманитарна помош, неколку часа по катастрофата, потенцира Гардијан.