ШОКАНТНИ СНИМКИ- Немири на фудбалски натпревар во Бурса, седуммина уапсени

Турската полиција уапси седум лица за насилно однесување за време на фудбалски натпревар одигран во неделата во рамки на Третата лига меѓу домашниот тим Бурсаспор и Амедспор, екипа која доаѓа од градот Дијарбакир населен со мнозинско курдско население.

На видеоснимки објавени на социјалните мрежи се гледа како публиката ги гаѓа играчите на Амедспор со пластични шишиња со вода и остри предмети, вклучувајќи и мали ножеви, додека навивачите скандираат турски националистички и антикурдски слогани.

Дел од турските медиуми јавија дека гостинските играчи биле нападнати во соблекувалната.

Канцеларијата на гувернерот на провинцијата Бурса соопшти дека се уапсени седум лица додека истрагата сè уште е во тек.

Погледнете ја вознемирувачката снимка

Раководството на турската прокурдска Народна демократска партија (ХДП) во изјава за јавноста наведе дека фудбалскиот клуб Амедспор бил предмет на „организиран линч и фашизам“ на гостувањето во Бурса

Партијата посочи дека непријателството кон Амедспор вклучувало расистички слогани, како и прикажување фотографии на трибините кои алудираат на убиствата на курдски јавни личности во текот на 80-те и 90-те години од минатиот век.

Турската фудбалска федерација (ТФФ) денеска ги осуди „провокативните акции и дискурси“ и вети соодветни акции.

„Расистичката реторика и акции кои предизвикаат поделби, насилни ставови и однесување на маргинализирани групи на стадионите никогаш не се прифатливи“, се наведува во соопштението на ТФФ.

Бурсаспор, од своја страна, објави на Твитер видео од натпреварот одигран лани против Амедспор во Дијарбакир на кое се гледа како полицијата ги чува играчите на Бурсаспор додека навивачите ги гаѓаат со предмети.