Шолц: Не треба да се негуваат илузии за посредништво на Кина за мир во Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека не треба да се „негуваат илузии“ за Кина, која неодамна се обиде да се претстави како посредник за мир во Украина.

  • Не треба да имаме илузии за Кина, тие досега не зазедоа став против Русија, рече Шолц во интервју за телевизијата ЗДФ.

Кина веќе неколку недели се обидува да игра посредничка улога во војната во Украина, јавно спомнувајќи досега нејасен план за изнаоѓање политичко решение.

Пекинг вети дека ќе го објави својот предлог оваа недела, пред годишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина, која е утре, 24 февруари.

Германскиот канцелар, исто така, го повтори своето противење за каква било испорака на кинеско оружје за Русија: „Јасно кажав на мојот последен состанок со кинеските претставници дека тоа не може да се прифати“, рече Шолц.

САД оваа недела ја обвинија Кина дека размислува да и испорача оружје на Русија за да ја поддржи нејзината офанзива во Украина, што Пекинг го негира.

Во пресрет на годишнината од почетокот на војната во Украина, Шолц исто така повтори дека „руската инвазија нема да успее и не смее да успее“.