Штрајк на вработените во португалската новинска агенција Луса

 – Вработените во португалската новинска агенција Луса денеска почнаа четиридневен штрајк, со барање за зголемување на платите. Агенцијата ги информираше клиентите дека „услугите ќе бидат во прекин во тој период“.

Денеска се планирани собири пред седиштето на Луса во португалскиот главен град Лисабон и во градот Порто. За утре е планиран собир пред официјалната резиденција на португалскиот премиер, социјалистот Антонио Кошта.

Синдикатите на агенцијата одлучија да ја поддржат социјалната акција, откако на состанокот во средата беше одлучено дека предлогот на владата за зголемување на платите не е доволен.

Раководството не се согласило на зголемување на платите за повеќе од 74 евра по работник, а вработените бараат најмалку 120 евра за да го надополнат заостатокот на замрзнати плати 12 години, соопштија синдикатите.

Португалската Влада, која поседува 50,15 отсто од општествениот капитал на Луса, им одговори на синдикатите дека нема средства да ги исполни нивните барања.

Луса има повеќе од 250 новинари кои произведуваат околу 800 новинарски содржини дневно за нешто повеќе од 800 клиенти. Во 2021 година Луса оствари добивка од 384.000 евра, што е четирипати повеќе отколку во 2020 година.