Јапонскиот премиер отпушти помошник поради навредливи ЛГБТ изјави

Јапонскиот премиер Фумио Кишида отпушти владин помошник кој даваше навредливи коментари за ЛГБТ паровите.

Масајоши Араи наводно рекол дека не би сакал да живее покрај или да гледа во луѓе во истополови врски. Араи, исто така, предупреди дека дозволувањето на геј браковите во Јапонија ќе предизвика многумина да ја напуштат земјата.

Кишида рече дека изјавите се навредливи и целосно некомпатибилни со политиката на јапонската влада.

Јапонија е земја која сè уште е во голема мера обврзана со традиционалните родови улоги и семејните вредности, единствената нација од Г7 која не ги признава истополовите бракови.

Сепак, неодамнешните анкети покажуваат дека мнозинството Јапонци ги поддржуваат истополовите бракови, пишува Би-Би-Си.

Голем број истополови двојки, исто така, поднесоа тужби низ Јапонија во последниве години, тврдејќи дека забраната за истополови бракови го прекршува уставот на земјата.

Пред отпуштањето на неговиот помошник Араи, Кишида зборуваше во парламентот за прашања поврзани со истополовите бракови. Тој изјави дека ова треба внимателно да се разгледа поради неговото потенцијално влијание врз традиционалните семејни структури.