Јовиќ: Со позитивна мисла и добро работење можеме да ги оствариме целите на клубот

Новиот шеф на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ е оптимист дека битолчани можат да ги остварат целите во домашните натпреварувања, откако претходно под водство на Ларс Валтер испаднаа од евро-куповите.

– Најпрво сакам да ѝ се заблагодарам на управата на клубот на укажаната доверба. Исто така сакам да испратам голема благодарност до Звонко Шундовски за прифатената понуда да биде наш ментор. Со овој потег Шундовски покажа колку му значи клубот и градот Битола. Потег за поздравување, тој е најдобриот македонски тренер. Јас и Зарков сме тренери-учители, и мислам дека одлично се покажавме во последните сезони. Со Звонко добивме тренер натпреварувач, којшто ќе нè води во правилна насока. Затоа сметам дека клубот направи одличен потег. Мислам дека со позитивна мисла и добро насочена работа ќе ги оствариме целите на клубот за оваа сезона, изјави Јовиќ.

Дека е дојдено време да се врати шампионскиот трофеј во Битола, смета и стручниот тим-менаџер Шундовски.

– По подолго време повторно сум дел од битолскиот ракомет и многу сум мотивиран. Мојата примарна цел е да го вратиме ракометот во Битола на старата слава и патишта. Помина многу време од последната двојна круна на клубот. Сите од стручниот штаб знаеме дека времето е кратко, но ќе направиме напори да успееме да ја вклопиме и синхронизираме екипата за да ги вратиме пехарите во нашите витрини. Еурофарм Пелистер располага со квалитетни играчи и широк ростер. Квалитет има, но некако не успеа сето тоа да се вклопи во еден систем кој ќе донесе резултати. Наша цел во овој краток период е да пробаме да ја воиграме екипата и со нов систем да атакуваме на двете титули, вели Шундовски.

Пелистер и Вардар се на врвот на табелата во Суперлигата со максимални 15 бода.