Јорданов најави реконструкција на стариот Камен мост во Штип

Камен мост во Штип кој е стар три пол века ќе се реконструира, најави денеска градоначалникот Иван Јорданов. Камениот мост или познат како  „Емир Ќучук-Султановиот“ мост е изграден уште во 1672 година и по толку време сѐ уште ги опслужува граѓаните на Штип, како еден од премините преку река Брегалница.

Јорданов посочи дека  овој мост е  реновиран неколкупати, но повторно се забележуваат оштетувања, како на коловозот, така и на тротоарите од двете страни и заштитната ограда. Јорданов истакна  посочи дека се работи на проект преку кој се предвидува реконструкција на овој мост.

-Дополнително, работиме на проект за ново сообраќајно решение пред угостителскиот објект „Мал одмор“ и веќе се работи на нов проект со конзерваторско мислење за реконструкција на Камениот мост со нова ограда и нови канделабри, со што целиот овој потег практично ќе добие еден функционален и модерен изглед, вели  Јорданов.

Мостот во населбата Осми ноември е еден од трите премини преку река Брегалница во  Штип. Вториот мост беше изграден пред шеесетина години во близина на Градскиот стадион и Автобуската станица, а пред три години поради фреквентноста и сообраќајниот метеж се јави потреба и за изградба на нов мост, кој го поврзува влезот на Штип, индустриската зона, населбите Железничка и Пребег со населбите Баби, Сењак и Дузлак, а кој го доби името „Иднина“. Во градот на две реки, на Брегалница има уште два премина, мостот во Ново Село, изграден во минатиот век, и мостот на излезот на градот кај бањата Кежовица.