Ќе се реконструира Специјалната болница за нефрологија во Струга

Со средства од Министерството за локална самоуправа, Швајцарската агенција и Општина Струга ќе се реконструира Специјалната болница за нефрологија во Струга. Договорот за реконструкција денеска го потпишаа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион Мирјана Лозаноска.

Проектот, како што појасни Лозаноска, предвидува енергетски ефикасен објект во главната зграда и во крај езерскиот објект наречен „холидеј дијализа“, за што се предвидени 24.134.166 денари.

Во централниот објект ќе се замени столаријата и ќе бидат поставени штедливи светилки. Предвидено е и инсталирање на систем за довод на кислород во три соби за хемодијализа и во три соби во интензивна нега, инсталирање на системи за санитарна топла вода и фотоволтаици, набавка на агрегат. Во објектот „холидеј дијализа“, кој е веднаш до езерото преку патот, се прави комплетна реконструкција, кров, столарија, фасада, подови, ѕидови. Таму се става и греење и климатизација, громобранска инсталација, но имаме и набавка на апарати за хемодијализа, истакна Лозаноска.

Министерот Пенов смета дека со реконсктрукцијата, која според него, се прави 60 години по изградбата на Специјалната болнца за нефрологија, ќе се зголеми капацитетот од 200 на 1.000 пациенти годишно.

– Специјалната болница за нефрологија во Струга е еден голем проект за регионот. Објект со високо реноме во минатото, а заради годините дотраеноста, можам да речам во некои домени и дотрошен. За да го одржиме тоа реноме и квалитетот на здравствените услуги што докторите, сестрите, болничарите овде ги пружаат да овозможиме логистички услови за да продолжат, Владата на Република Северна Македонија заедно со Швајцарската Влада донира средства за реконструкција, истакна Пенов.

За директорот на болницата, Александар Попоски, реконструкцијата ќе значи многу за иднината на пациентите и граѓаните коишто ги користат услугите. 

– Се надевам на понатамошна успешна соработка од сите страни пред се од медиуми, од министерствата за здравство и за локална самоуправа, и општинската организација дека заедно сите можеме многу подобро и многу повеќе. Се надевам и понатаму на идни проекти коишто ќе донесат добро за граѓаните, за развој на здравствен туризам, за дијализа и за подобрување на условите на пациентите што се кај нас на дијализа, рече Попоски.

Болницата, нагласи, располага со потребниот медицински кадар, а со подобрувањето на условите очекува дека ќе го зачува реномето, па и дека ќе го подобри.

Проектот за реконструкција на Специјалната болница за нефрологија се реализира преку Центарот за развој на Југозаапдниот плански регион, а за негова реализација 48 отсто од средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, Швајцарската агенција учествува со 37 отсто, Болницата и Општината учествуваат со 15 проценти.