Џакомо Скоти и Снежана Дабиќ добитници на Златна плакета за промоција на македонскиот јазик и литература

– Џакомо Скоти и Снежана Дабиќ се добитници на Златна плакета за посебен придонес во промоцијата на македонскиот јазик и литература што ја доделува Здружението за литература и култура „Бран 2010“ од Струга.

Според здружението „Бран 2010“, Скоти ја добил плакетата за неговиот придонес во афирмацијата на македонската литература и култура во Италија и Хрватска.

-Во репрезентативни антологиски избори ги претстави поетите и раскажувачите Блаже Конески (La ricamatrice, 1967), Божин Павловски (L’ombra di Radovan, 1968), Матеја Матевски (Nebbie e tramonti, 1969), Анте Поповски (Terra di Macedonia, 1972), Славко Јаневски (Il soldato due metri sotto terra, 1975), Кочо Рацин (Albe candide, 1975)… Покрај тоа, преку преводи и написи во книжевни списанија, тој на италијанската културна јавност им претставува повеќе од дваесет македонски романсиери и раскажувачи, почнувајќи од Константин Миладинов до Ристо Јачев и Санде Стојчевски, соопшти Здружението.

Скоти е италијански и хрватски писател, новинар, литературен преведувач. Роден е на 1 декември 1928 година во Савијано, Италија. Во 1947 година од Италија се преселил во Хрватска. Член е на Хрватското книжевно друштво – Риека и на Друштвото на хрватските писатели и ПЕН. Професионално се занимавал со новинарство од 1948 година, истовремено посветувајќи и се на литературата. Промотор е на хрватската и на македонската литература во Италија. Тој е еден од најплодните писатели во регионот на Истра и Риека.

Снежана Дабиќ е професор по српски јазик и литература, член на литературното друштво „Раковица“ од Белград. Нејзини публикации се: „Магијата на сонот и имагинацијата на Братислава Магдиќ“, „Поезија на верата и надежта“, „Виорот и исчезнувањето“, „Молитва на Маријана-Бор Паздњикова“, „Прегрни нè, небески ветрови“… Има повеќе книжевни преводи од српски на македонски јазик, меѓу кои и на два романа на македонскиот писател Петко Шипинкаровски „Утринска молитва” и „Златни обетки за Марија”.