Џафери во Прага на билатерални средби со Папуашвили и Лотрич

 Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари билатерални состаноци со претседателот на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили и претседателот на Националниот совет на Република Словенија, Марко Лотрич, во рамки на годишната Конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ, на која се поканети и претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство а која се одржува во Прага.

Како што соопштија од кабинетот на Џафери, на средбата со грузискиот претседател на Парламентот нагласено е дека Грузија е мала држава со силни аспирации за евроатланска интеграција и во таа смисла побарана е поддршка од нашата земја , како и споделување на корисни искуства од нашиот пат кон НАТО и кон Европската Унија.

– Претседателот Џафери нагласи дека Република Северна Македонија, со оглед на сите тешкотии со кои се соочи прво за членство во НАТО а потоа и долгиот процес до првата меѓу-владина конференција и почетокот на скрининг процесот, дава недвосмислена поддршка на сите држави кои стремат кон евроатланска интеграција и е спремна да ги пренесе сите свои искуства на парламентарно ниво. На средбата присуствуваше и претседателката на Комисијата за европски прашања на Грузија, Мака Ботхоришвили и во тој контекст, беше нагласено дека размената на искуства меѓу двата законодавни дома во однос на евроинтеграцијата би била особено добредојдена преку комисиите за европски прашања, информираат од кабинетот на претседателот на Собранието.

Додека во однос на средбата со со претседателот на Националниот совет на Република Словенија, Марко Лотрич, нагласена е континуираната поддршка на Словенија за проширувањето на Европската унија, а разменети се мислења и за актуелните случувања во Европа, предизвиците од високите цени на енергенсите и храната, миграциските текови и потребата од поблиска соработка со цел побрза интеграција на земјите од Западен Балкан.

Од кабинетот на Џафери информираат дека е спомната и македонската дијаспора во Словенија, која е добро интегрирана во земјата и претставува уште еден елемент на поврзување на двете држави.