Џенсон Батон ќе дебитира во НАСКАР

Поранешниот светски првак во Формула 1, Џенсон Батон (43), ќе настапи на три трки во серијата НАСКАР Куп оваа година, објавија денеска организаторите.

Англичанецот Батон, кој ја освои Формула 1 во 2009 година, ќе вози „Рик Вер Рејсинг Форд Мустанг“ на трките во Остин, на 26 март, во Чикаго (2 јули) и Индијанаполис (13 август).

„Секој пат кога поранешен возач во Ф1 влегува во сериски автомобил на почетокот се мачи. Потребно им е некое време да успеат, така што не очекувам веднаш да бидам на чело. Затоа е важно што ќе настапам на повеќе од една трка за да можам да го извлечам најдоброто од себе и најдоброто од автомобилот“, изјави Батон.

По повлекувањето од Ф1 во 2017 година, Батон возеше спортски автомобили во класата ГТ500 во јапонската Супер ГТ серија, каде ја освои титулата во 2018, а се натпреваруваше и на престижната трка „24 часа Ле Ман“.