Два милиони евра од ребалансот на Буџетот за нова реконструирана Универзална сала, најави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. До крајот на годината ќе биде распишан тендер за изведувач кој ќе треба веднаш да ги започне градежните работи.

Шилегов вели дека салата ќе остане на постоечката локација со постојниот габарит и за иста намена но тоа не значи дека Град Скопје се откажува од идејата за нова концертна сала на друга локација. 

Министерката за култура Ирена Стефоска вели дека покрај реконструкцијата на Универзалната сала се прават, како што рече таа, големи напори во буџетот на Министерството за култура за 2021 година да бидат предвидени пари за почеток на градење на новата концертна сала, за која, како што кажа, веќе постои проект.