Вие имате прво да ја знаете вистината

Грандиозен мост кој спојува два континети и руши рекорди: Ремек делото на Ердоган ќе биде готово за шест месеци (видео)

Изградбата на мостот Чанаккале 1915, што ќе ги поврзе Азија и Европа преку Дарданелите, е при крај, пишуваат турските медиуми.

Последниот сегмент од конструкцијата на мостот, долг 48 метри, широк 45 и тежок 700 тони, беше доставен на градилиштето на мостот со брод пред една недела.

Камен темелникот за овој мост, кој ќе претставува клучен дел од новиот автопат Кинали-Текирдаг-Чанаккале-Савастепе, беше поставен на 18 март 2017 година, од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Мостот се очекува да биде завршен точно пет години после тоа, на 18 март 2022 година, пренесува Јутарњи лист.

Покрај поврзувањето на двата континенти, овој мост го издвојува и најдолгиот распон во светот, кој се протега помеѓу двата главни столба (високи 318 метри) со должина од дури 2.023 метри. Тоа е 32 метри подолго од актуелниот рекордер, висечкиот мост Акаши Каикио во Јапонија, кој беше завршен во 1998 година.

Мостот Чанаккале 1915 ќе биде со вкупна должина од 3.563 метри, а со пристапни вијадукти ќе достигне должина од 4.608 метри. Планирано е да има по три ленти во секоја насока, заедно со тротоари кои ќе им служат на работниците за одржување на мостот.

Патем, должината на главниот распон од 2.023 метри има многу симболика во себе, бидејќи ја претставува годината во која ќе се слави стогодишнината на Република Турција, основана од Мустафа Кемал Ататурк.

Симболиката не застанува тука. Името на мостот, 1915 Чанаккале, оддава почит на битката кај Галиполи од Првата светска војна (што Турците ја нарекуваат Чанаккале Савашлари по местото каде што се случи битката) во која турската армија ги победи вооружените сили на Антантата, претежно од тогашната Британска империја.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!