Вие имате прво да ја знаете вистината

Испи со нас четири-пет ракии: Ангела Меркел се збогува со гратчето од каде започна нејзината политичка кариера (ФОТО)

Во 1990 година локалниот политичар Волхард Молкентин очајно бараше некој од ЦДУ да се кандидира во балтичката изборна единица на првите избори во обединета Германија, а тогаш некој му кажа на уво – Меркел.

Потполно непознатата Ангела Меркел освои мандат во изборната единица 267, која ги вклучува крајбрежниот град Балтик Стралзунд и островот Руген. Така започнува нејзиниот пат до „сојузната канцеларија“

Меркел и по 16 години управување со најголемата европска економија „суштински многу не се промени“, кажа Молкентин за АФП, седејќи во столот каде некогаш Меркел ја пречекуваше со кафе и колаче.

„Беше многу едноставна, стабилна и сигурна личност, како што и денес е“ – кажува Молкетин кој има 80 години.

Во вторникот Меркел за последен пат се врати во својата изборна единица заедно со кандидатот од нејзината ЦДУ за канцелар, Армин Ласет, кој заостанува на анкетите и му е потребна подршка на неколку дена пред одржување на изборите.

Со се уште популарната канцеларка беше и Георг Гунтер, локален член на ЦДУ кој се надева дека ќе ја замени во изборната единица. Гунтер е само три години постар од тоа што Меркел беше во 1990 година кога за прв пат влезе во Бундестагот. Канцеларката во таа изборна единица подоцна победуваше уште седум пати.

Заедно на штандот на кои активистите на ЦДУ печеа колбаси, Гунтер изјави дека е горд што се бори за истата изборна единица во која некогаш беше Меркел.

„Тоа е добро наследство“ – изјави тој.

Иако менторката му даде некои совети, тој инсистира да го крои својот сопствен пат.

„Важно е да се остане малку независен“ – порача Гунтер.

Која е Меркел ? Меркел ретко има време да се врати во Штралсунд и да се види со луѓето кои и помогнаа во политичката кариера. Молкентин пред ова, последен пат ја прими во својот дом во Гремендорф во декември минатата година. Секоја година, се до 2020-та тој и нoсeше божиќна гуска, а за нивната блискост сведочи и фактот дека таа го покануваше на сите нејзини заклетви како германски канцелар, како и при посетата на американскиот претседател Џорџ Буш во 2006 година.

 Молкентин се присети на моментот кога му ја предложија Меркел за кандидатка, на што тој одговори: Која е Меркел? Меѓутоа, по запознавањето со младата политичарка на состанок со активистите, се увери дека таа е добар избор.

„Мислев дека ќе успееме да постигнеме нешто со неа“ – кажа тој.

Меркел тогаш освои мандат во Бундестагот со 48,5 отсто од гласовите.

Ханс-Јоаким Бул, поранешен рибар кој живее на островот Руген, познат по своите бели песочни плажи, не ја заборави својата прва средба со Меркел кога таа имала 36 години.

Тој се присети како идната канцеларка внимателно го слушала него и неговиот татко за проблемите околу европската квота за риболов.

Таа никогаш не ни вети дека ќе биде подобро. Но, таа ни рече, ќе ги ставам вашите проблеми на маса, се сеќава 64 годишниот рибар.

Распаднатата рибарска колиба каде Бул разговараше со Меркел повеќе не постои, но остана фотографијата како спомен од идната канцеларка со розеви образи и неговиот татко.

Пиеше четири-пет ракии со нас, кажа Бул со насмевка на лицето.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!