Вие имате прво да ја знаете вистината

Беше кондуктер во автобус, помина низ развод, клиничка депресија и параноја, а денес Стинг слави 70 години и е еден од најбогатите Британци

Освен што беше еден од најпознатите светски музичари со врвна кариера повеќе од 40 години, Стинг, исто така, доживеа сиромаштија, го надмина разводот и се соочи со депресија и параноја. Покрај сето тоа, стигна и до листата на петстотини најбогати Британци.

Гордон Метју Томас Самнер, роден на 2 октомври 1951 година во Волсенд, североисточна Англија, денес полни 70 години. Песните на славниот Стинг одбележаа нечија младост, нечии убави моменти, но неговата кариера беше испреплетена со многу предизвици.

Тој беше најстариот во семејството, имаше три помали браќа и сестри, Филип, Анџела и Анита. Како дете, Стинг често му помагал на својот татко при утринското доставување млеко, а од рана возраст исто така било забележано дека ужива во музиката.

Неговиот чичко остави стара шпанска гитара кога се пресели во Канада, а на неа подоцна научи да свири, да пее и да ги сонува своите соништа.

Тој заврши гимназија во Сент Катбертс во Њукасл, а потоа се запиша на Универзитетот Ворвик во Ковентри, кој го напушти по само еден семестар.

Стинг беше многу заинтересиран за музика, свирки и бендови, често посетуваше ноќни клубови каде ги гледаше настапите на разни музичари како Џек Брус и Џими Хендрикс, уметници кои подоцна значително ќе влијаат на неговиот музички развој и стил.

Тој работеше како кондуктер во автобус, градежен работник и даночен службеник, а по краткиот курс во Алнвик, го доби звањето наставник. Беше одлучен да ги оствари своите соништа, Стинг се обидуваше да одржува настапи каде и да најде работа. Каде, не беше важно, само да свири!

Во 1977 година, тој се пресели во Лондон, каде со Стјуарт Коупленд и Хенри Падовани, кој наскоро беше заменет со Енди Самерс, ја основаа групата Полис, која издаде пет албуми помеѓу 1978 и 1983 година.

Иако се прослави со групата Полис, Стинг исто така беше исклучително успешен во соло кариерата. Неговите обожаватели не се грижеа дали е сам или во група, се додека можат да уживаат во големите хитови и неговиот прекрасен, мажествен глас.

Во 1985 година го издава неговиот прв соло албум Сонот на сините желки. Со следниот албум Ништо како сонцето, неговата популарност достигна речиси неверојатни размери. Со долга руса коса, опасен изглед и идеално добро изградено тело, тој беше секс симбол по кој лудуваа девојките и жените.

Познато е дека рок sвездите сакаат да се обидуваат во филмот, но исто така е познато дека овие обиди главно се неуспешни. Но, Стинг беше исклучок: покрај тоа што сними повеќе филмови од некои професионални актери, тој успеа да им се допадне и на публиката и на критичарите.

Парите и славата не му донесоа среќа. Лудото темпо со кое работеше Полис го уништи неговиот брак, па дури и пред тоа, неговото здравје страдаше: страдаше од клиничка депресија и параноја, достигнувајќи го работ на нервен слом.

Обидувајќи се да започне одново, тој започнува да се забавува со Труди Стајлер, која ќе стане негова втора сопруга и мајка на неговите уште четири деца. Создавајќи дом, Стинг и Труди потрошија половина милион фунти за куќа во Лондон од седумнаесеттиот век, и купија стан од два милиони долари на Менхетен, станувајќи соседи на Лучијано Павароти, Пласидо Доминго и Френк Синатра.

Подоцна, неговите родители умираат од рак, што ја оживува неговата хипохондрија и ја убива неговата креативност. Тој веќе не можеше да напише ниту еден стих.

Тој ја надмина својата тригодишна креативна парализа само кога одлучи да се соочи со смртта и спомените од детството. Тоа го направи на албумот Кафези на душата. Слушајќи ги завршените песни, сам во студиото, Стинг плачеше.

Кога излезе албумот, имаше уште повеќе причини за солзи: критичарите го исекоа на парчиња, прогласувајќи го дека пишува музика за лифтови и супермаркети.

Стинг денес води здрав живот и е една од многуте познати личности кои обожаваат и практикуваат јога.

Почнав со јога доцна во животот, на 38 или 39 години. Жал ми е што не започнав порано. Мислам дека ќе отидев многу подалеку ако почнав да вежбам јога порано. Но, од друга страна, јас тогаш веројатно не бев ниту подготвен за такво нешто, рече пејачот во една прилика.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!