Русија објави рекордни 986 смртни случаи поврзани со коронавирус во изминатите 24 часа и 31.299 нови инфекции во четвртокот, најмногу во еден ден од почетокот на пандемијата.
Кремљ ја обвини бавната кампања за вакцинација за зголемениот број смртни случаи и апелираше до луѓето да се вакцинираат. Вакцинацијата се спроведува бавно, а многу Руси ја наведуваат недовербата кон владата и стравот од нови медицински производи.
Податоците регистрирани во четвртокот значат дека за првпат Русија официјално пријавила повеќе од 30.000 случаи во еден ден.
Околу една третина од населението – 43 милиони – се вакцинирани, рече во вторникот премиерот Михаил Мишустин.
Русија брзо ја разви и ја лансираше својата вакцина Спутник V кога избувна пандемија минатата година и оттогаш одобри употреба на четири вакцини.