Вие имате прво да ја знаете вистината

Вулканот на Ла Палма исфрла лава до 600 метри во височина, тоа е како две Ајфелови кули (видео)

Вулканот на шпанскиот остров Ла Палма продолжи енергично да еруптира во средата, исфрлајќи лава до 600 метри височина и засилувајќи ја сеизмичката активност, јавува Anadolu Agency (AA).

Во изминатите 24 часа Националниот географски институт на Шпанија регистрираше 150 земјотреси на островот, од кои најголемиот беше со јачина од 4,8 степени.

Институтот, исто така, во вторникот забележа дека почвата во делови од островот набабрила за дури десет сантиметри.

Дел од вулканскиот конус се урна синоќа, што ѝ овозможи на лавата да тече посилно и да ја промени својата траекторија.

Новата река лава почна да тече на југ, но запре на само 150 метри од соларната централа, изјави денеска шефот на локалната служба за вонредни состојби Мигел Анхел Моркуенде.

Откако објави фотографии од лава која достигнува двојно поголема висина од Ајфеловата кула, Институтот за вулкани на Канари (INVOLCAN) објави и видео од густ облак од пепел што лебди над островот.

Емисиите на сулфур диоксид исто така се во пораст, достигнувајќи просечни 40.800 тони дневно, што им сугерира на експертите дека крајот на ерупцијата не се очекува наскоро. Според Педро Антонио Хернандез од INVOLCAN, емисиите на сулфур диоксид ќе мора да се намалат на 250 тони на ден пред да заврши ерупцијата.

Досега лавата покрила 908 хектари од островот, а повеќе од 2.000 објекти се уништени, според сателитот Коперник.

Индустријата со банани, еден од најсилните економски сектори на островот Ла Палма, веќе загуби околу 100 милиони евра, покажуваат податоците на Владата на Канарските Острови. Огромни загуби бележи и туристичката индустрија, а аеродромот Ла Палма е единствениот во Шпанија за кој се очекува пад летовите оваа зима.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!