Вие имате прво да ја знаете вистината

Касапаана за претседателите, по Црвенковски и Груевски, вчера и Заев замина од политиката со пораз на локалните избори

Локалните избори се покажаа кобни за политичката кариера на три лидери на двете најголеми политички партии во Македонија. Бранко Црвенковски по поразот на локалните избори во 2013 година не се кандидираше за нов мандат на СДСМ. Никола Груевски во 2017 година си замина по тешкиот пораз на локалните избори и вчера Зоран Заев поднесе оставка на функцијата лидер на СДСМ и македонски премиер.

Љубчо Георгиевски си замина од функцијата лидер на ВМРО ДПМНЕ во 2003 година, половина година по губењето на парламентарните избори во 2002 година. Владо Бучковски, по губењето на парламентарните избори во 2006 година, беше поразен од Радмила Шеќеринска на Конгресот на СДСМ 2006 година, а две години подоцна, по губењето на предвремените парламентарни избори во 2008 година, и Шекеринска си замина од лидерската позиција во партијата.

Што ќе рече дека на трите последни локални избори се случија смени на лидерската позиција во СДСМ или во ВМРО ДПМНЕ и локалните избори станаа вистинско минско поле за лидерите на големите партии. Со таа разлика што за разлика од Груевски и Црвенковски, кои веќе беа во опозиција, Заев вчера си поднесе оставка како премиер и власт во Република Македонија.

Во 2013 година Црвенковски долго најавуваше бојкот на локалните избори. Половина година предходно имаше стратегија на работно лето, кога после долго време рејтинзите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ беа скоро изедначени, и наместо да продолжи со тој тренд Црвенковски влезе во операција со црниот декември и исфрлањето на пратениците на СДСМ од македонското Собрание, а потоа проектот Отпор и Бела чао кој заврши со колапс. Тогашните функционери или градоначалници на СДСМ, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Зоран Дамјановски Циц, Сревчо Јакимовски, Максим Димитриевски беа против бојкот на изборите и Црвенковски и неговата стратегија беше поразен внатре во партијата. По средбата со тогашниот еврокомесар Штефан Филе тој отиде на локални избори и бесе масакриран на тие избори.

Никола Груевски ги изгуби локалните избори есента 2017 година, само неколку месеци по доаѓањето на власт на Зоран Заев и СДСМ и крвавите настани на 27 април во македонското Собрание, кога сегашните победници на локалните избори преку масовни протести сакаа да ја задржат власта во државата и да го спречат формирањето на новата влада, а дел од победниците на вчерашните избори и беа тепани или подобро речено претепани на тој 27 април. Груевски си поднесе оставка по изгубените избори, а една година подоцна во неразјаснети околности избега во Будимпешта.

Вчера Зоран Заев си поднесе оставка по тешкиот пораз на локалните избори иако неговите коалициони партнери му сугерираа да остане на премиерската фунција. Тоа беше втора оставка на Заев на премиерската функција и во основа и двете се должат на француското и на бугарското вето за почетокот на преговортите со ЕУ. Губењето на локалните избори во најголема мерка се должи на немањето европски датум. Од друга страна Заев, само пред шест месеци, беше избран за претседател на СДСМ со нов четиригодишен мандат, за прв пат во македонските политички услови, со непосредното гласање на целото членство на партијата.

Од вчера Македонија е во политичка криза и почнуваат да течат роковите и преговорите за нејзино решавање. А локалните избори се тешки и непредвидливи бидејќи се избори кои се спроведуваат по таканаречениот мнозински систем, кога со мала разлика во гласовите се постигнува апсолутна победа.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!