Вие имате прво да ја знаете вистината

Ердоган се поклони пред делото на Ататурк и порача: Турција нема да толерира газење на нејзиниот интегритет

Турција нема да толерира никакви напади врз нејзиниот интегритет, изјави претседателот Реџеп Тајип Ердоган, по повод 83-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Република Турција.

Никогаш нема да дозволиме напади врз интегритетот на нашата земја, опстанокот на нашата држава, единството, мирот и вековните вредности на нашата благородна нација. Со историските успеси што ги постигнавме во сите области, особено во образованието, здравството, безбедноста и индустријата, решително се движиме кон нашите стогодишни цели – напиша Ердоган во меморијалната книга во музејот на Ататурк во главниот град на државата, Анкара.

Во музејот во Анкара се одржа државна церемонија, која започна во 08:45 часот по локално време, со прошетка на државните претставници.

Ердоган положи венец составен од црвено-бели каранфили а покрај тоа имаше и едноминутно молчење кое започна во 09:05 часот, време кога Ататурк почина пред 83 години. Потоа беше интонирана химната на Република Турција.

За време на молкот, знамињата на Република Турција беа спуштени на половина копје.

Ердоган и другите официјални лица потоа се потпишаа во Книгата за сеќавање.

Меѓу другото, Ердоган напиша дека со голема почит за 83-годишнината од смртта, се сеќаваат на Ататурк и го чуваат она што им го оставил како наследство и дека покрај злобниците продолжуваат да ја зајакнуваат и развиваат земјата и да бидат светла ѕвезда на светот.

Потоа, говорејќи на комеморацијата во главниот град Анкара, тој му оддаде почит на Ататурк зборувајќи за развојните фази низ кои поминала земјата од нејзиното основање.

Се разбира, важно е да му оддадеме почит на Ататурк, но најважно е да го разбереме, следејќи ги трагите на неговата борба и правилно да ги препознаваме причините за тоа, изјави турскиот претседател.

Тој потсети дека во Големиот говор (Нутук) на Ататурк се наведени три цели кои треба да се постигнат со формирањето на републиката.

Ќе ја подигнеме нашата земја на ниво на најпросперитетните и најцивилизираните земји во светот. Ќе направиме нашата нација да има најобемни средства и ресурси за просперитет. Ќе ја подигнеме нашата национална култура над нивото на модерната цивилизација. Нашиот народ им покажа на сите пријатели и непријатели дека нашата Република ќе живее вечно, бранејќи ја својата земја сè посилно по секој камен на сопнување, изјави Ердоган.

Како што кажа, Ататурк, внимателно ја следеше Европа и светот за да остане понапред од развојот.

Оваа визија на Мустафа Кемал Ататурк е и патоказ за денешна Турција. Турција денес е во Сирија, Турција денес е во Либија, Турција денес е на Кавказ, Турција сè уште води пионерска дипломатска работа во Европа и светот, додаде Ердоган. .

Ататурк е роден во 1881 година во Солун, тогашна Отоманска империја. Најголемата воена слава ја стекна водејќи ги турските борци во битката кај Чанак-кале. По распадот на Отоманската империја по завршувањето на Првата светска војна, Ататурк ја предводел турската војска во ослободителната војна.

Како основач и претседател на Република Турција, тој ја трансформираше земјата во модерна, секуларна и прозападна држава. Тој почина на денешен ден во 1938 година на 57-годишна возраст.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!