Вие имате прво да ја знаете вистината

Вратете ни ги скулптурите што ги украдовте! Мицотакис бара Лондон да и ги врати на Грција познатите мермерни статуи од Партенон

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повторно побара од Британскиот музеј да ги врати мермерните скулптури од Партенон, кои лордот Елгин ги „украл“ од Акропол во Атина.

Во интервју за Дејли Телеграф, Мицотакис изјави дека мермерните скулптури стари 2.500 години, познати како „Елџиновите мермери“ или „мермерите на Партенон“ се украдени од Атина и имаат место во Музејот на Акропол.

„Нашиот став е многу јасен. Мермерните скулптури се украдени во 19 век, место им е во музејот на Акропол и мораме да имаме искрена дискусија за ова прашање“, рече тој.

„Сигурен сум дека, доколку владата беше подготвена, би можеле да постигнеме договор со Британскиот музеј во смисла да им испратиме некои културни богатства на заем, богатства што никогаш не ја напуштиле земјата“, рече Мицотакис.

Мермерните скулптури се земени од Акропол пред повеќе од 200 години и оттогаш се предмет на дебата. Тие порано го украсувале Партенонот и другите градби на Акропол, но половина од нив биле донесени во Британија на почетокот на 19 век од Лодр Елгин.

Мицотакис рече и дека за ова прашање ќе разговара со британскиот премиер Борис Џонсон на самитот следната недела.

„Одбивањето да се разговара на оваа тема, во контекст на сето она што се случува со враќањето на културните добра, би било анахроничен пристап. Тоа би бил фантастичен потег на Британија“, рече тој.

Претходно оваа година, Џонсон јасно стави до знаење каква е позицијата на Лондон.

„Ги разбирам чувствата на грчкиот народ, вклучително и премиерот Мицотакис, за ова прашање. Но, британската влада со години е категорична дека лордот Елгин ги купил скулптурите легално и дека тие се законски во сопственост на Британскиот музеј“, изјави Џонсон за Та Неа.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!