Вие имате прво да ја знаете вистината

Си Џинпинг како Тито, може да остане доживотно на чело на Кина, неговите идеи биле марксизам на 21-от век

Централниот комитет објави дека Си Џинпинг бележи „славни достигнувања“ и му го отвори патот да владее со партијата и во Кина најмалку до 2027 година.

Си има невидена моќ во оваа земја, пишува новинарот на ДВ Хуан Данг.

348 делегати на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина ја усвоија третата „историска резолуција“ на партијата. Тој документ има само една цел, да ја зацементира моќта на човекот кој според сегашните партиски правила би морал следната година да ја напушти функцијата генерален секретар и да се пензионира.

Но, генералниот секретар и случајно кинескиот претседател Си Џинпинг (68) се погрижи тој да остане на чело и по дваесеттиот конгрес на партијата следната година. Ова недвосмислено произлегува од донесената резолуција. Си ќе може да остане претседател и врховен командант на армијата најмалку до 2027 година. Лесно е да се навикнеш на моќ. Затоа далекувидната легенда на партијата Денг Ксијаопинг имаше добри причини во раните осумдесетти години да ги ограничи мандатите на функционерите на два пати по пет години. Оттогаш, и Џианг Земин и Ху Џинтао се придржуваа до тоа – и двајцата владееја со Кина десет години, и ниту еден ден повеќе.

Денес работите се поинакви. Во стогодишната историја на кинеските комунисти, кои владеат во една партија од 1949 година, никогаш немало толку моќен човек како Си.

Исто така, Кина никогаш не била толку моќна како денес, политички, економски и воено. Откако дојде на власт во 2012 година, Си не остави никаков сомнеж дека сака повеќе и се погрижи за тоа.

Така, во 2017 година, како постојани членови на Политбирото, не им беше дадена можност на помлади функционери кои би можеле да го наследат генералниот секретар во 2022 година. На негово барање, во 2018 година се промени Уставот и ограничување на мандатот на претседателот беше укинато.

Според впечатокот на луѓето во земјата, но и во странство, Си е гарант за просперитетот на Кина. Тој го иницираше новиот пат на свилата, кој ја поврзува Народната Република со сите земји од Азија, Африка и Источна Европа и со тоа го оспорува поредокот кој важи од Втората светска војна. Тој владее во партијата со цврста рака. Шанса добиваат само луѓето на кои безусловно им верува. Ривалите се безмилосно прогонувани.

Завршниот документ на пленумот на ЦК е полн со самопофалби. Но, новина е што „историската резолуција“ од еден човек прави Бог. Се пишува за „славните достигнувања“ на Си, неговите идеи се прогласени за „марксизам на 21 век“ и „квантен скок на марксистичката мисла во Кина“.

Така, партијата урива едно табу. Остануваат други табуа: сè уште не се спомнуваат историските неправди на Културната револуција (1966-1976), чија жртва бил и таткото на Си, ниту пак за крвавото задушување на студентското движење во 1989 година во Тјенанмен.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!