Вие имате прво да ја знаете вистината

Во Австрија на сила карантин за невакцинираните, кршењето на мерката ќе се казнува со 1450 евра по лице!

Поради зголеменот број на ново заболени од Ковид-19, од денеска (понеделник) во Австрија стапи на сила карантинот за невакцинираните, чие прекршување ќе се казнува со 1.450 евра по лице, а владата размислува и за воведување на полициски час.

Бројките во Австрија се зголемуваат, повеќе од 11.552 случаи на инфекција се регистрирани во неделата, а седумдневната инциденца на 100.000 луѓе се искачи на речиси 850.

Од денеска, на лицата кои не биле вакцинирани или имале Ковид-19 во Австрија, им е дозволено да го напуштат станот само во исклучителни случаи, како што се купување намирници, посета на лекар или аптека, како и за одење на работа.

Строго ќе се проверува почитувањето на оваа мерка, а прекршоците ќе се казнуваат со парични казни до 1450 евра по лице.

Мерките за изолација ќе бидат во сила првичен период од десет дена и се усвоени од провинциските и сојузните влади, но канцеларот Александар Шаленберг изјави дека некои провинции се слободни да постават уште построги правила доколку треба.

Главниот град Виена веќе најави дека ќе воведе дополнителни правила со кои се бараат PCR тестови од вакцинирани и оздравени граѓани кои излегуваат ноќе во затворени простории и на сите настани на кои присуствуваат повеќе од 25 луѓе.

Се надеваме дека ова ќе ја поттикне вакцинацијата. Досегашното заострување на мерките веќе доведе до скок на вакцинацијата, изјави канцеларот.

Во Австрија моментално се вакцинирани околу 65 отсто од населението.

Австриската влада размислува и за воведување полициски час во текот на ноќта. Одлуката за овој потег, која ќе се однесува на целата држава, ќе биде донесена во среда, изјави австрискиот министер за здравство Волфганг Муекштајн, во неделата. Ограничувањето ќе важи од 22 часот, изјави тој.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!