Вие имате прво да ја знаете вистината

Денеска ширум светот се одбележува Меѓународниот ден на предвремено родените бебиња

Денеска е Меѓународен ден на предвремено родените бебиња. 

Овој ден за прв пат беше одбележан на 17 ноември 2009 година, како резултат на меѓусебната соработката на фондацијата March of Dimes (САД) и Европската фондација за грижа на новороденчињата, која е преставник од 20 држави на стариот континент.

Виолетовата боја стана симбол за одбележување на овој ден и претставува чувствителност и внимание.

Според статистиката на Светската здравствена организација (СЗО), во светот секоја година се раѓаат 15 милиони предвремено родени бебиња.

Целта на одбележувањето на овој ден е да се привлече вниманието на јавноста кон глобалниот проблем со предвременото раѓање, кој е водечка причина за смрт на доенчиња во развиените и неразвиените земји.

Предвремено родени бебиња се бебиња родени пред 37-та недела од бременоста, обично многу мали и неразвиени, со тежина помала од 2.500 грама.

Причината за толку многу предвремени породувања сè уште не е целосно разбрана. Сепак, она што е познато е дека медицинската нега е исклучително важна во овој период.

Овие бебиња, како што ги нарекуваме предвремено родените бебиња, се многу чувствителни во непосредниот период по породувањето и во раниот развој, поради што нивните родители и здравствените работници кои се грижат за нив се соочуваат со голем број предизвици. 

Преживеаните деца имаат зголемени шанси да развијат невролошки, сензорни, респираторни, когнитивни или психомоторни тешкотии во текот на животот.

Континуираната едукација на здравствените работници и родителите и обезбедувањето навремени услуги во областа на раната интервенција е единствениот начин да се подигне квалитетот на животот на предвремено родените бебиња и нивните родители.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!