Вие имате прво да ја знаете вистината

Магдалена Андерсон стана првата жена премиер која ќе раководи со шведската влада

Шефот на шведските социјалдемократи, Магдалена Андерсон, беше избрана за премиер во парламентот на Шведска денеска (среда), со што стана првата жена на чело на нордиската монархија по две недели тешки преговори.

54-годишната економистка, која досега беше министерка за финансии во владата на Стефан Лофвен, во вторникот вечерта во последен момент успеа да ја добие потребната поддршка за да ја преземе власта, благодарение на договорот со Левицата за зголемување на минималните пензии.

Видно возбудена, таа стана проследена со аплауз од нејзиниот политички табор, а претседателот на Риксдагот и ја предаде должноста.

Сепак, таа беше дочекана со непријатно изненадување, по пат ја изгуби поддршката од централната партија која е клучна за гласањето за буџетот.

Затоа постои можност таа да мора да владее со буџет донесен од десничарската опозиција, со невидена поддршка од екстремната десница.

Мислам дека можам да ја водам државата. Верувам дека Шведска може подобро – изјави таа на прес-конференцијата повторувајќи го својот слоган.

Стефан Лофвен, ослабен од седумгодишното владеење и политичката криза на почетокот на летото, во август годинава најави дека ќе замине во ноември, една година пред парламентарните избори во септември 2022 година.

Магдалена Андерсон, поранешна пливачка ѕвезда, позната по својата отвореност поради која го доби прекарот булдожер, го замени на почетокот на ноември лидерот и дојде на чело на Социјалдемократската партија.

Иако е позната како држава која ја почитува родовата еднаквост, Шведска досега немала жена премиер, за разлика од другите нордиски земји.

Кога ќе се пресели во Розенбад, седиштето на владата, нејзината главна задача ќе биде да ги задржи социјалдемократите на власт до изборите следната есен.

Партијата, некогаш предводена од Олоф Палме, која ужива околу 25 отсто од јавната поддршка според анкетите, ја задржа титулата најголема политичка партија во Шведска, но е и блиску до историскиот најнизок пад.

Зачленете се и ќе добивате екслузивни вести од нашиот портал!